Languages

  • Français
  • Македонски
  • English
  • Shqip

Француски експерти ќе ја обучуваат македонската администрација за преговори со ЕУ

Printer-friendly versionSend to friend
Француски експерти ќе ги обучуваат македонските државни службеници за начинот на водењето на преговорите за членство во Европската унија.
Првите обуки ќе бидат општи со акцент на начелата, етапите и начинот на водење на преговорите, а потоа тие ќе бидат поспецифични и ќе се однесуваат на одредени специфични сегменти и прашања.

- Овие обуки се наменети за државните службеници и имаат за цел тие што подобро да разберат како се управува со европското досие, како ќе се водат преговорите затоа што постојат одредени прашања, како што е животна средина или туризам или други прашања, кои се комплексни и да можат успешно да ги водат преговорите кога ќе започнат тие треба да бидат навистина обучени, рече француската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер, која со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска во Скопје го означија почетокот на циклусот на обуки за правилата и техниките на преговори во Европската унија.

Таа додаде дека во обуката учствуваат француски експерти, а оти таа е наменета за високите државни службеници од разни државни институции.

- Идните обуки ќе бидат на поспецифични теми не само на општата тема како се водат преговори, туку и на одредени прецизни досиеа на пример како се подготвува буџет..., но и други комплицирани теми, рече Оер.

Овие обуки, истакна таа, се дополнителен придонес за билатералната соработка на Македонија и Франција, која, како што посочи, од година во година ќе се засилува бидејќи сакаме Македонија да е подготвена за да може да ги води преговорите.

Вицепремиерот Бесими истакна дека обуките се исклучително важни, особено, како што рече, во овој период кога Република Македонија го води дијалогот на високо ниво со ЕУ.

- Во овој период се подготвува терен за отпочнување на преговорите, а веќе технички е договорено поглавјата 23 и 24 да почнат со таканаречен селф скрининг. Обуките се важни за Македонија успешно да се подготви за овој процес на евроинтеграција. Со други зборови, додека трае овој процес на дијалог на високо ниво, нашите службеници ќе се обучат и преговорите да одат со најбрза и најсоодветна динамика во интерес на Република Мкаедонија и процесот на европска интеграција, рече Бесими..

Обуките, што се организирани во рамките на билатералната административна соработка меѓу Франција и Македонија, ќе се одржат во текот на годинава и ќе овозможат да се поддржи процесот на европска интеграција на Македонија. Ќе бидат спроведени во партнерство со француски експерти од високо ниво мобилизирани од страна на ЕНА, Француското Национално Училиште за Администрација.

Денешните обуки ќе овозможат да се презентира француското искуство на преговорите во Европската унија и на француските институции на меѓусекторска координација за европските прашања. Исто така, ќе бидат презентирани главните начела, етапите и клучните играчи во преговорите за пристапување кон ЕУ, како и научените лекции од претходните проширувања на ЕУ.

Следните обуки ќе се фокусираат на вештини за преговарање и интеркултурна комуникација.
 
Macedonian
10.04.2013
Извор: www.kanal5.com.mk

 

© Регионален совет на Долна Нормандија – Сите права се задржаниУпотреба на името „Македонија“